Денес (29 септември 2011 година) во Прилеп се одржа презентација за општествената одговорност на претпријатијата.

Настанот го отвори Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп кој поздравувајќи ги присутните рече дека со примената на принципите на креирање на општествена одговорност се вложува во иднината. „Посебно сум горд на тоа што како општина можеме да се пофалиме со висок степен на општествена одговорност кај нашите претпријатија". Тој ја истакна добрата соработка на општината со бизнис секторот во реализација на многу заеднички активности за подобрување на животот на граѓаните. „Тие се секогаш тука да придонесат за развојот на заедницата, за доброто на својот бренд, за доброто на сите нас", додаде градоначалникот Ристески.

IMG 8241

За самиот проект зборуваше Глигор Михаиловски од МРФП. Во анализата на состојбата во оваа област тој се осврна на немањето свест за концептот на ООП, недостатокот на соодветни капацитети на клучните актери и недостатокот на поддржувачка околина за општествена одговорност на претпријатијата. „Главната цел на проектот", рече Михаиловски, „е поддршка на вклучувањето на практиките и политиките на ООП во главните текови, во рамките на делувањето на различни чинители за ООП во Република Македонија".

Бети Попова од Министерството за економија направи кратка ретроспектива на основањето на Координативното тело за ООП, на идентификуваните предизвици и стимули, на креирањето на националната политика за ООП, визијата и целите и мерките на политиката. Таа се осврна и на институционалната поставеност, пристапот кон креирањето на политиките и секако на улогата на Владата. „Посебно сме горди на проектот заради кој денес сме овде, кој беше високо оценет од страна на Европската комисија. Причините за таквата оценка е водечката улога на Министерството со која се потврдува посветеноста на владата за спроведување на овој концепт и постењето на Национално координативно тело и усвоена национална политика за општествена одговорност", додаде Попова.

IMG 8244

На присутните им се обратија и претставници на Дониа и Микросам како компании со добри општествени практики.

Дражен Котески од Дониа, зборуваше генерално за компанијата посебно за нивниот однос кон вработените за што се добитници на признание за општествена одговорност за 2009 година. „Социјалната одговорност помага во подобрување на перцепцијата на граѓаните за компанијата", истакна Котески. „Таа потоа може да се одрази на повеќе полиња, па и на финансиите. Општествената одговорност е инвестиција, а не трошок. Идејата не е секогаш водена од мотивот за создавање профит, туку од мотивот да се направи позитивно влијание на средината во која живееме", рече Котески.

Билјана Петковска од Микросам зборуваше за нивната Академија на таленти каде се врши обука на програмери низ современ начин на образование. На Академијата се поттикнува интелектуалниот и личниот развој на младите луѓе, со амбиции да напредуваат во својот живот и да го надградуваат своето знаење. Таа се осврна и на Клубот на талентирани средношколци и на курсот за инжињерски помошници. Предноста на Академијата е во огромната база на податоци, 4.000 печатени наслови и 30.000 електронски наслови, во интерактивната настава која овозможува директно и практично вклучување во наставата со што учесниците го проверуваат стекнатото знаење, во посветените предавачи кои работат со учесниците. „Ние не нудиме сертификати, ние нудиме знаење", рече Петковска, „целата обука е бесплатна, од учесниците се очекува воља и амбиција", додаде таа. Единствен финансиер на Академијата е фабриката Микросам, а она со што посебно се гордеат е фактот дека 93% од оние што ја поминале обуката на Академијата се веќе вработени.

Целта на настанот беше да се промовира општествената одговорност на претпријатијата во земјата, постоечката регулатива како и да се објасни нејзината примена во малите и средните претпријатија.

Презентацијата е дел од проектот „Поддршка за реализација на Националната агенда за општествена одговорност на претпријатијата во Република Македонија", чиј носител е Министерството за економија на Република Македонија во партнерство со Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), Сојузот на стопански комори на Македонија и Здружението Конект.