На 30 ноември 2011 г. во10 часот, во хотел Стоун Бриџ во Скопје, Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) во соработка со Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) го организираше тематскиот форум на тема „Односи со потрошувачи“.

IMG 9500

Во своето воведно обраќање, Маријана Лончар-Велкова, претседател на ОПМ се осврна на законската регулатива за заштита на потрошувачите и направи пресек на очекувањата на потрошувачите од општествената одговорност на претпријатијата. Таа истакна дека во 2010 година, ОПМ имала вкупно 4.773 советувања, од кои општоправни се 3.995. Граѓаните најчесто реагирале на јавните услуги (1.823), потоа на гаранциите (1091), на неквалитетните производи (589) и на услугите (492). Во делот на услугите, најчести се советувањата за прашања кои се однесуваат на туристичките агенции (26%), а кај јавните услуги води ЕВН со 30% од советувањата. Кај специјалистичките советувања, најголем број се однесуваат на исхраната (33%) и домувањето (32%). Во првите осум месеци од оваа година, бројот на советувања е 2.304.

Гостин на тематскиот форум беше Робин Симпсон, консултант за односи со потрошувачи од Consumers International. Тој се осврна на искуствата од примената на ИСО 26000 и придонесот за заштита на потрошувачите. Симпсон ги акцентираше проблемите на потрошувачите и нивните барањата за коректен маркетинг, вистинско и неутрално информирање и коректни договарачки практики; потоа за заштита на здравјето и сигурноста на потрошувачите; за оддржлива потрошувачка; за услуги за потрошувачите, за поддршка и решавање на жалбите и недоразбирањата; за заштита на податоците и на приватноста на потрошувачите; за приод до основните услуги и за образование и свест. Во врска со напредувањето на ЕУ на овие прашања, тој рече дека бројот на оние претпријатија ја потпишале спогодбата на ЕУ во 2006 година бил 600, а во 2011 е 1.900; во 2006 имало 270 извештаи за одржливост, а во 2011, 850.

IMG 9517

На тематскиот форум беа презентирани и резултатите од истражувањето направено од ГфК во соработка со МРФП. Со телефонската анкета спроведена во ноември 2011 година опфатени се 800 лица. Најголем број од испитаните (47 %) дале одлична оцена на квалитетот на последниот купен производ, ниту еден не поднел жалба заради незадоволство, мнозинство (56%) се задоволни од љубезноста на продавачот, а 36% се исклучително задоволни од тоа колку продавачот е информиран за производот/услугата.

Нериман Џеладини од Министерството за економија зборуваше за потрошувачката политика на Владата на Република Македонија, а заменикот на Народниот правобранител Невенка Крушаровска се осврна на проблемите на потрошувачите при користењето на јавните услуги, укажувањата на народниот правобранител и решавањето на споровите.

Владимир Петковски од Економскиот факултет се осврна на искуствата од добрите и лошите практики за однесувањето на бизнисите кон потрошувачите. Тој истакна дека потрошувачите се дел од приказната за општествената одговорност на претпријатијата. Во моментот ги карактеризира слабо остварување, ниско ниво на свесност и непостоење на потрошувачки активизам. За жал, според Петковски, компаниите не ги ставаат правата на потрошувачите во својот фокус, тие не се причина за нагласено ангажирање на компаниите и не претставуваат двигател за промовирање на ООП од страна на компаниите.

На тематскиот форум зборуваа и Митко Алексов, извршен директор на Сојузот на стопански комори, за активните мерки на бизнисите за заштита на потрошувачите и Роберт Орданоски, директор на Агенцијата за електронски комуникации, за анализата на корисниците од електронските услуги во земјата.