На 11 ноември 2011 година пред бизнис секторот во Кавадарци беше презентиран концептот на општествената одговорност на претпријатијата.

IMG 5676

Присутните им се обрати Бети Попова од Министерството за економија која се осврна на улогата на државата во воспоставувањето поддржувачка околина за општествената одговорност. Белинда Николовска, како член на Националното координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата зборуваше за улогата на КТООП како и за неговата единствена структура. Глигор Михаиловски од Македонската развојна фондација за претпријатија кој зборуваше за тоа што е општествена одговорност, зошто е важно претпријатијата да бидат општествено одговорни, кои се придобивките од тоа.  

На присутните им се обратија и претставници на два локални бизниси.  

Фени индустри АД, оваа година ја доби наградата за ООП во категоријата Односи со снабдувачи и потрошувачи за проектот „Транспарентни и фер набавки“. Мотивот на Фени индустри АД за спроведување на ваков проект е во процесот на набавка да се почитуваат етичките принципи и правата и интересите на снабдувачите за фер конкуренција.

Спроведени се активности за воспоставување на практики на фер набавки што резултирало со зголемување на бројот на снабдувачи, фер конкуренција и превенција на коруптивно однесување, а преку работата на Комисијата за набавки се зголемила и транспарентноста. Ова придонело компанијата да го подобри квалитетот и да ги намали/оптимизира цените што понатаму водело во зголемување на профитабилноста, конкурентноста, акционерската вредност но, исто така и кон градење корпоративна култура заснована на етички принципи.  

IMG 5672

Од Алалајнс Уан Македонија АД се пофалија за програма за социјална одговорност која ја имаат уште од 2001 година. Во воспоставувањето на таква програма биле водени од тоа дека компанијата не е самостоен ентитет туку е дел од пошироката заедница и дека сите засегнати имаат очекувања поврзани со етичкото работење на компанијата. Социјалната усогласеност за Алалајнс Уан е неопходност и значи почитување на позитивните законски акти. Некои добри пракси на Алалајнс Уан се постоењето на политиката на компанијата за социјална одговорност, безбедноста и здравјето при работата, рециклирање на електронски отпад, поддршка на агрономските практики и поддршка на заедницата итн.  

Целта на настанот беше да се промовира општествената одговорност на претпријатијата во земјата, постоечката регулатива како и да се објасни нејзината примена во малите и средните претпријатија.  

Презентацијата е дел од проектот „Поддршка за реализација на Националната агенда за општествена одговорност на претпријатијата во Република Македонија“, чиј носител е Министерството за економија на Република Македонија во партнерство со Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), Сојузот на стопански комори на Македонија и Здружението Конект.