Денес (30 ноември 2012 година) во Скопје се одржа форумот на тема „Етичко управување во претпријатијата“, како еден аспект на општествената одговорност на претпријатијата.
На форумот зборуваа Миле Бошков, извршен претседател на Бизнис конфедерацијата на Македонија; Сашо Клековски, регионален сениор раководител и аналитичар; Софка Пејовска Дојчиновска, претседател на Државната комисија за спречување корупција; Митко Алексов, извршен директор на Сојузот на стопански комори на Македонија; Кирил Нејков, раководител на Меѓународната финансиска корпорација.
„Само-регулираните или ко-регулираните процеси се ефективна алатка во процесот на обезбедување одговорно однесување на микро и малите претпријатија, а претпријатијата во ЕУ често партиципираат во тие процеси кои ЕУ ги признава како дел од напорите за подобрено регулирање на активностите“, рече во својата презентација Сашо Клековски. Тој на компаниите им сугерираше повеќе активности кои можат да промовираат етичко однесување како што се: идентификување на главните вредности и принципи; развивање управни структури кои промовираат етичко однесување, примена на стандарди за етичко однесување, превенција или разрешување судири на интерес кои можат да водат до неетичко однесување итн. „Моделот на ООП е модел на вредности и релации“, истакна Клековски. Според него, вредностите и довербата во Македонија не се, додека јавниот дух, како трет елемент на ООП е овозможувачки фактор. Водејќи се од ова, Клековски смета дека во Македонија се можни три модели на ООП: локален, заради силните хоризонтални врски со заедницата, меѓународен, посебно во секторите со висок репутациски ризик и пионерски, кој би се засновал на посветено лидерство.
Митко Алексов зборуваше за меѓународниот стандард за управување со квалитет ИСО 9001:2008 имплементиран во Сојузот на стопански комори. „Нашите мотиви беа да го зголемиме квалитетот на работењето, да го зголемиме задоволството и довербата кај членките и да добиеме меѓународна гаранција и потврда за квалитетно работење“, рече тој. Зборувајќи за придобивките, Алексов рече дека благодарение на целиот процес олеснето е планирањето и имаат подобра организираност на работата; зголемена е ефективноста и ефикасноста, полесно се следи и потранспарентно е работењето; зголемена е мотивацијата и подобрена е вертикалната и хоризонталната комуникација; зголемена е професионалноста и етиката во деловните односи итн.
На присутните им беа претставени неколку бизниси кои успешно ја практикуваат оваа димензија на општествената одговорност: Дониа, Фени, Раде Кончар ТЕП и Фармахем.
Целта на форумот беше да се анализира општествената одговорност на претпријатијата во Република Македонија во однос на етичкото управување, оценувајќи ги постоечката законска рамка, домашните и европските практики.
Форумот беше организиран во соработка со Бизнис конфедерацијата на Македонија.