На 26 септември 2011 година во Битола се одржа презентација за општествената одговорност на претпријатијата.

IMG 8196

Присутните ги поздрави Владимир Талески, градоначалник на Битола. „Чест ми е што денес можам да бидам тука, со вас“, рече тој во обраќањето до присутните претставници на бизнисот. „Општина Битола ги направи првите чекори во општествена одговорност, се сертифициравме, добивме ИСО 9001 и продолжуваме понатаму со општествено одговорните практики“, рече тој.  

Владимир Петковски, автор на Националната агенда за општествена одговорност на претпријатијата во Република Македонија се осврна на основите и придобивките од општествената одговорност. „Општествената одговорност не е само вербална категорија“, рече тој, „одговорноста во реалниот живот се изразува преку дела“. Тој низ неколку примери од големи мултинационални компании покажа како неодговорното однесување може да го наруши имиџот на компанијата кое на крај има реперкусии на профитот. „Општествената одговорност не е трошок, иако често така се доживува“, рече Петковски, „таа е еден од елементите при создавањето на профитот на компаниите.“ Во Македонија, според авторот на Националната агенда, притисоците од страна на медиумите и граѓанскиот сектор ќе бидат еден од клучните елементи во поинтензивното практикување на општествената одговорност. Покрај ова, дел од практиките ќе доаѓаат или веќе доаѓаат од мултинационалните компании кои го прошируваат својот бизнис во Македонија. За жал, истражувањето направено пред подготовката на Националната агенда, покажало дека компаниите во Македонија се уште не ја доживуваат општествената одговорност како потреба која доаѓа од внатре. Најчесто овој концепт се доживува како нешто што го прават големите компании кои остваруваат повеќе профит.

Пред битолските бизнисмени зборуваше Димитар Митревски, комерцијален директор на Пелистерка. Тој го истакна нивниот ангажман во областа на животната средина и зборуваше за инвестирањето во преработката на отпадоците, пластиката преку организацијата Пакомак. Исто така, го истакна дека посветуваат внимание на односот кон вработените преку систем на наградување.

IMG 8200

Во дискусијата што следуваше претприемачите разговараа за концептот и предизвиците како и за проблемите со кои секојдневно се соочуваат и кои влијаат на општествената одговорност. „Дали од компаниите што ги искористуваат природните ресурси треба да чекаме да бидат општествено одговорни и да имаа доброволна обврска за враќање кон заедницата и кон животната средина или тоа треба да биде законска обврска“, праша еден од бизнисмените. Дел од нивните забелешки се однесуваа на тоа дека теоријата, колку и да е добра, не секогаш добро функционира во пракса.

Целта на настанот беше да се промовира општествената одговорност на претпријатијата во земјата, постоечката регулатива како и да се објасни нејзината примена во малите и средните претпријатија. Настанот беше организиран со поддршка на Регионалната развојна агенција на Пелагонија – ПРЕДА.

Презентацијата е дел од проектот „Поддршка за реализација на Националната агенда за општествена одговорност на претпријатијата во Република Македонија“, чиј носител е Министерството за економија на Република Македонија во партнерство со Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), Сојузот на стопански комори на Македонија и Здружението Конект.