Министерството за економија на Република Македонија, Македонската развојна фондација за претпријатија, Сојузот на стопански комори на Македонија и Здружението Конект во соработка со Независниот синдикат на лицата со хендикеп „Еднаквост“ имаат чест да ви упатат покана за учество на Тематскиот форум „Општествена одговорност – еднакви права за сите вработени“, кој ќе се одржи на 9 јули 2012 г. (понеделник) во хотел Порта, Скопје, ќе биде отворен од Спиро Ристовски, Министер за труд и социјална политика на Република Македонија.
На форумските сесии ќе учествуваат следните говорници:
- Миле Бошков, Извршен претседател, Бизнис конфедерација на Македонија;
- Марјан Ристески, Претседател, Конфедерација на независни синдикати;
- Тетјана Лазаревска, Извршен директор, Македонска развојна фондација за претпријатија;
- Елена Кочова, Претседател на Независниот синдикат на лицата со хендикеп „Еднаквост“;
- Звонко Шаврески, Претседател на Полио плус;
- Александар Николов, Претседател, Национално координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата во Република Македонија (НКТ ООП);
- Никица Кусиникова, Извршен директор, Конект.
- Капка Панајотова, Институт за независно живеење, Бугарија
- примери на претпријатија во односи со вработените и вработување лица од ранливи групи.
На форумот ќе бидат разгледани повеќе прашања:
- Која е законската рамка за правата и обврските на работодавците и работниците во Македонија и ЕУ и плановите за унапредување на истата?
- Кои се можностите за подобрување на правата на работниците, надвор од законските рамки (пр. колективно спогодување, искоренување на дискриминацијата)? Што предвидува Националната агенда за општествена одговорност на претпријатијата во оваа област?
- Дали законската рамка обезбедува заштита од дискриминација при вработување на лица од ранливи групи? Како да се воспостави/надгради легислативата и практиките при вработување на ранливи групи?
- На кој начин политиката на претпријатијата за правата на работниците влијаат на деловните постигнувања? Примери од најдобри општествено одговорни практики во односи со вработените во земјата.
Тематскиот форум е дел од проектот ““Поддршка за реализација на Националната агенда за општествена одговорност на претпријатијата во Република Македонија“ (ООП во РМ), чиј носител е Министерството за економија на РМ, во партнерство со Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) и Здружението Конект. Форумот се одржува во соработка со Независниот синдикат на лицата со хендикеп „Еднаквост“.
Повеќе информации за настанот ќе најдете во прилог на оваа покана, Фејсбук страна (http://facebook.com/oopmk) или кај Глигор Михаиловски, МРФП на тел. 02/3088-995.






