На 18 октомври 2011 година пред бизнис секторот во Штип беше презентиран концептот на општествената одговорност на претпријатијата.
Присутните ги поздрави Драгица Здравева од Центарот за развој на источниот плански регион, а Иван Варадиновски од општина Штип се осврна на соработката на општината со бизнис секторот. „Задоволни сме од досегашната соработка со бизнис секторот", рече Варадинов кој акцентираше дел од заедничките проекти како што се обновувањето на фасадите на објектите во центарот на градот, изграденото детско игралиште во населбата Сењак, поставените четири билборди со туристички мапи на градот и изградениот забавен парк во централното градско подрачје.
Глигор Михаиловски од МРФП зборуваше за тоа што е општествена одговорност, зошто е важно претпријатијата да бидат општествено одговорни, кои се придобивките од тоа. Тој истакна дека влегувањето на меѓународните компании во Македонија ќе го внесе притисокот за општествено одговорни практики.
Роман Пападимитров од Координативното тело за општествена одговорност на претпријатијата, зборуваше за активностите на тело. Како дел од резултатите на КТОО тој ги спомна донесувањето на Националната агенда и организирањето на Националната награда за ООП. „Еден од предизвиците што не очекуваат во иднина е јакнењето на свеста за потребата од ООП", рече Пападимитров. „Многу компании ООП ја изедначуваат со спонзорства и донации, што е погрешно. Потребно е да се работи со компаниите за значењето и примената и потребно е да се работи на стимулите за компаниите – кои треба главно да дојдат од страна на владата." Во поглед на стандардите кои ги внесуваат меѓународните компании во земјава, Пападимитров ги спомна стандардите на холандските компании за производство и трговија на текстил, кои раководејќи се од принципот „fair-wear", бараат од своите македонски партнери да ги почитуваат тие стандарди.
Бети Попова од Министерството за економија зборуваше за активностите на Министерството за општествената одговорност. Таа се осврна на 2007 година кога Министерството решило да ја преземе лидерската улога во оваа област и иницирало формирање на КТООП. Според Попова, телото има уникатна структура, од 15 членови од кои само три се од Министерството, а останатите се од бизнис и од граѓанскиот сектор. „Улогата на Владата е да креира поволен амбиент за ОО и да ги поттикне претпријатијата да го прифатат концептот", рече Попова и го најави преводот на ИСО стандардот за ОО 26000-2010 како дел од следните активности на Министерството.
Општествено одговорните практики на Баргала пред присутните ги презентираше Наум Барзов. Тој истакна дека е многу мал бројот на претпријатија кои имаат општествено одговорни практики и дека е потребно да се јакне свеста не само кај претпријатијата туку и кај потрошувачите кои би им дале предност на производите на таквите компании на пазарот. „ОО во Баргала има историска димензија, свеста за тоа постои одамна и таа е вклучена во нашата стратегија", рече тој. „Тоа го правиме преку разумно управување со бизнисот, подобри работни и животни услови на вработените, подобри услуги и производи за клиентите, контрола на загадувањето и зачувување на природните ресурси." Тој праша дали државата, како главен контролор, ги нуди истите услови за сите субјекти. Притоа ги спомна олеснувањата кон странските инвеститори кои ги немаат домашните компании кои исто така инвестираат.
Целта на настанот беше да се промовира општествената одговорност на претпријатијата во земјата, постоечката регулатива како и да се објасни нејзината примена во малите и средните претпријатија.
Презентацијата е дел од проектот „Поддршка за реализација на Националната агенда за општествена одговорност на претпријатијата во Република Македонија", чиј носител е Министерството за економија на Република Македонија во партнерство со Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), Сојузот на стопански комори на Македонија и Здружението Конект.






