Координативното тело за општествена одговорност на претпријатијата (ООП) денес, 26 октомври 2011 година, на 11 претпријатија им ја додели Националната награда за ООП за 2010 година. Уште 26 претпријатија добија плакети за постигнувањата во ООП.
Кај големите претпријатија, беа доделени награди во пет категории. За Односи со вработените наградата ја добија Македонски телеком и Т-Мобиле Македонија за проектот „САП Модул“ и Џонсон Контролс Македонија ДООЕЛ за проектот „Зголемување на задоволството на вработените“; за Етичко управување наградата му припадна на Алкалоид АД Скопје за проектот „FairWild стандард – круна на 75 годишна традиција на високи вредности“; за Однос со добавувачи и потрошувачи наградата ја доби Фени индустри АД за проектот „Транспарентни и фер набавки“, во категоријата Животна средина, наградена е Цементарница УСЈЕ АД за проектот„Биодиверзитет на вештачките езерца во Цементарница УСЈЕ АД Скопје“; а за Вложување во заедницата наградата ја добија АД Електрани на Македонија за проектот „Декларација за општествена одговорност/донација на оперативен микроскоп за уво, нос и грло“ и Македонски телеком АД за проектот „5 Радио драми“.
Кај малите и средни претпријатија доделени се четири награди и тоа: во категоријата Етичко управување наградата ја доби Фармахем-Скопје за проектот „Транспарентност на менаџментот и вклученост на вработените во носење на одлуки“; во категоријата Однос со снабдувачи и потрошувачи наградите ги доби Дониа ДОО за проектот „Е-истражување на пазар (на мислењето на добавувачите и купувачите)“; во категоријата Животна средина наградена е Адора Инженеринг ДООЕЛ за проектот „Заедно ја градиме иднината“ и во категоријата Вложување во заедницата наградата и припадна на ТТК Банка АД за проектот „ТТК Банка во поддршка на заедницата“. Во категоријата Однос со вработените наградата не беше доделена.
На доделувањето, на наградените им се обрати министерот за економија Ваљон Сарачини. „Задоволство ми е што можам да констатирам дека промоцијата на концептот на општествена одговорност наиде на интерес и на македонско тло и тоа не само кај деловните субјекти, туку и кај граѓанскиот сектор, пошироката јавност и медиумите. Токму притисоците од страна на медиумите и граѓанскиот сектор ќе бидат еден од клучните елементи во поинтензивното практикување на општествената одговорност. Покрај ова, дел од практиките ќе доаѓаат или веќе доаѓаат од мултинационалните компании кои го прошируваат својот бизнис во Македонија“, рече тој. Министерот Сарачини им порача на компаниите да се воздигнат над просечните интереси и приватните амбиции и да инвестираат во заедничко добро за сите нас. Да не ја доживуваат општествената одговорност како наметната однадвор, туку како потреба која доаѓа од внатре. „Тоа никако не е концепт само на големите компании кои остваруваат повеќе профит, тоа е концеп на едно современо живеење и делување“, рече Сарачини. Од името на Делегацијата на ЕУ, на добитниците и присутните им се обрати Eлисабета Георгиева.
Во истите категории доделени се и плакети и тоа кај големите претпријатија за категоријата Однос со вработените за: Цементарница УСЈЕ АД за проектот „Безбедност & здравје за нашите вработени – Врвен приоритет на компанијата“; Фени индустри за проектот „Колективен договор – Дијалог: работодавач - синдикална организација“; Прокредит Банка АД за проектот „Програма за млади банкари“; во категоријата Етичко управување плакета доби Цементарница УСЈЕ АД за проектот „Корпоративно управување“; во категоријата Однос со снабдувачи и потрошувачи плакети добија ЕВН Македонија АД за проектот „Едукација на корисниците за енергетска ефикасност и АД Електрани на Македонија за проектот „Отворен ден за потрошувачите“; во категоријата Животна средина плакети им беа доделени на ОНЕ – Телекомуникациски услуги за проектот „Рециклирање на мобилни телефони“, на АД Електрани на Македонија за проектот „Намалување на последиците од загаденоста на животната средина“, на Пивара Скопје АД за проектот „Пречистителна станица за отпадни води на Пивара Скопје АД и на МИК Свети Николе за проектот „Реконструкција на пречистителна акција за отпадна вода“; во категоријата Вложување во заедницата признанија добија: ЕВН Македонија АД за проектот „Продолжување на делото на Тоше Проески“; Македонски Телеком АД за проектот „Пет радио драми“; Сеавус ДООЕЛ за проектот „Летна школа“; Тобако АД за проектот „ТОБАКО... Во твојот круг“ и Алфа Банка АД за проектот „Волонтерски ден“.
Плакети им беа доделни и на малите и средни претпријатија. Во категоријата Однос со вработените наградата ја добија Универзитетот Американ Колеџ Скопје за проектот „Професионално унапредување“; Адора Инженеринг ДООЕЛ за проектот „Вработените се нашето богатство – долгорочна стратегија 2009-2011 и Некстсенс за проектот „Градиме брендови на пазарот во ИКТ индустријата“; во категоријата Етичко управување плакети добија Општата болница РЕ-МЕДИКА за проектот „Од добри намери кон добри дела“ и Раде Кончар ТЕП за проектот „Усвојуваме и продолжуваме“. Во категоријата Однос со снабдувачи и потрошувачи плакетите ги добија Раде Кончар ТЕП за проектот „Ве слушаме вас“ и Некстсенс за проектот „Односи со потрошувачи/клиенти и поддршка. Во категоријата Животна средина плакета доби Галаг С&Н за проектот „САРА – собирање, транспорт, складирање на RÖ отпад и рециклирање на истиот“. И, во категоријата Вложување во заедницата плакетите ги добија Адора инженеринг ДООЕЛ за проектот „Подобра околина, подобро општество“; Раде Кончар СЕРВИС за проектот „Да создаваме заедно“ и Дану Медиа ДООЕЛ за проектот „Училишен прибор за секое дете од домот 11 Октомври“.
Добитниците се избрани од пријавените 63 проекти на 38 компании. Целта на наградата е да ги промовира позитивните практики на општествено одговорно делување на претпријатијата во Македонија и притоа да инспирира за воведување и понатамошно унапредување на општествената одговорност кај претпријатијата во Македонија.
Оваа година, Наградата е дел од проектот: Општествената одговорност на претпријатијата во РМ, кофинансиран од Европската Унија, што го спроведува Министерството за економија во партнерство со: Македонската развојна фондација за претпријатија, Сојузот на стопански комори на Македонија и здружението Конект.