На 21 октомври 2011 година, во хотелот Илинден во Струмица се одржи презентација на општествената одговорност на претпријатијата.

IMG 8769

Присутните ги поздрави Стојан Лазарев, претседател на Центарот за развој на источниот плански регион. За улогата на државата во воспоставувањето поддржувачка околина за општествената одговорност зборуваше Бети Попова од Министерството за економија. Таа се осврна и на улогата на Националното координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата како и за неговата единствена структура. Гонце Јаковлеска од Македонската развојна фондација за претпријатија зборуваше за тоа што е општествена одговорност, зошто е важно претпријатијата да бидат општествено одговорни, кои се придобивките од тоа.

На присутните им се обратија и претставници на два бизниси.
Маријана Шушлевска како претставник на Фармахем зборуваше за повеќе проекти за општествена одговорност за кои Фармахем била наградена. Еден од нив, „Работилница за бело саламурено сирење“ добиле награда во 2009 година во категоријата „Односи на пазарот“. „Идејата беше да се обучат македонските млекари, наши долгогодишни и идни соработници, како да се подобри квалитетот и да се избегнат дефектите кај белите сирења, а со тоа да се добие стандардизиран производ“, рече Шушлевска во својата презентација. „Вклучивме 30 млекари, професори од Факултет за земјоделски науки и храна и направивме координативно тело од Фармахем. Потоа, организиравме 2 работилници на кои вклучивме презентации, предавања, дегустација, анкета, доделување на сертификати за учество, а за сите активности и медиумите беа доста заинтересирани.“ Според неа, како резултат на овој проект се зголемил бројот на купувачи и се зголемил профитот за компанијата. Се зголемила свеста за квалитетен и стандарден македонски производ, хигиенате во индустријата, технолошкиот пристап “know-how” и контролата на квалитетот.

IMG 8763

Славчо Ѓоргиев од локалната компанија Експро зборуваше за нивните достигнувања во областа на енергетската ефикасност. „Размислувањата за општествената одговорност влегуваат во сите пори од работењето“, рече тој, „јас ќе ги прикажам низ одржливиот развој на ресурсот енергија“. Тој ја презентираше административната зграда на компанијата која е енергетско ефикасен објект и спаѓа во високо енергетска ефикасна класа на пасивни објекти кои користат енергија од околината. „Според статистичките податоци“, рече Ѓоргиев, „најголеми потрошувачи на енергија се градежните објекти, поголеми се од индустријата и од сообраќајот. Во тие објекти, најголем дел од енергијата е за греење и ладење. Енергијата, во најголем дел е од фосилно потекло и горива кои ја загадуваат околината и планетата воопшто, а со тоа го доведуваат во прашање и опстанокот на човекот.“ Тој направи споредба меѓу објектите според нивната изолација. Неизолиран објект годишно за греење троши помеѓу 32 и 350 kWh m2. Делумно изолиран или објект со сендвич ѕид – 250-280 kWh m2. Од 150 до 180 kWh m2 троши стандардно изолиран објект со изолиран кров и контактна фасада, а од 30 до 75 нискоенергетски објект, добро изолиран, со применети системи за алтернативна енергија. Најмалку троши пасивниот објект, до 15 kWh m2.

И двете презентации разбудија голем интерес кај присутните.
Презентацијата е дел од проектот „Поддршка за реализација на Националната агенда за општествена одговорност на претпријатијата во Република Македонија“, чиј носител е Министерството за економија на Република Македонија во партнерство со Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), Сојузот на стопански комори на Македонија и Здружението Конект. Настанот е организиран во соработка со Центарот за развој на источниот плански регион.