На 9 октомври 2012 година во Скопје, МРФП во соработка со Македонскиот зелен центар го организираа форумот на тема „Добро за бизнисот, добро за животната средина“, како еден аспект на општествената одговорност на претпријатијата.

IMG 3614

Форумот го отвори Абдилаќим Адеми, министер за животна средина и просторно планирање на Република Македонија. Тој истакна дека во текот на последните години се развиени голем број успешни примери и правни практики. „Со примената на Оценката на влијанието врз животната средина и Стратегиската оценка врз животната средина го изменивме и начинот на размислување за инвестициите. Овие две практики се доказ дека промената е на пат, и дека е можна. Тие, исто така демонстрираат спектар на можности за унапредување на зелената економија и реализација на концептот општествено одговорно претпријатие“, рече министерот Адеми. Тој го искажа своето уверување дека соочени со предизвикот на глобална финансиска криза, оние претпријатија кои ја сметаат општествената одговорност како дел од нивниот стратешки бизнис, полесно ќе ги надминат последиците од рецесијата.

Гостин на форумот беше Микулаш Варгиц, правен експерт за ЕУ легислатива за животна средина од Република Чешка. „Голем недостаток на ООП беше неговиот доброволен концепт затоа што не беше сфатен сериозно од бизнисите“, рече Варгиц. „Концептот стана мода и веројатно општествена неопходност за големите компании да ја истакнат својата социјална одговорност. Но, во пракса, концептот повеќе беше разбран како маркетинг и односи со јавноста“, додаде тој. Според Варгиц, политиката за ООП на мали и средни претпријатија може да има три основни форми кои не се строги дефиниции и кои може да се применат во зависност од ситуацијата. Претпријатието може да види која од формите е најсоодветна за неговиот специфичен бизнис и потоа да одлучи која стратегија за ООП ќе ја користи во своето работење: 1) да не нанесува штета на животната средина; 2) да создава заеднички вредности и 3) да функционира како корпорација која создава бенефит.

IMG 3631

За мониторирањето на спроведувањето на легислативата за заштита на животна средина со фокус на деловен сектор зборуваше Методија Саздов, од Македонскиот зелен центар. Глигор Михаиловски од МРФП ја презентираше брошурата „Заштита на животната средина“, Јадранка Иванова и Владо Каровски од Министерството за животна средина и просторно планирање се осврнаа на апроксимацијата кон ЕУ регулативата за животна средина во Македонија и на еко-етикетирањето, додека Александар Николов од Националното координативно тело за ООП зборуваше за Национална агенда за ООП со фокус на заштита на животната средина.

На присутните им беа претставени неколку бизниси кои успешно ја практикуваат оваа димензија на општествената одговорност. Славчо Ѓоргиев од Експро зборуваше за сопствениот високо енергетски ефикасен објект (класа пасивни објекти); Филип Ивановски од Пакомак зборуваше за Собирање и рециклирање отпад, а Драгана Чифлиганец од Адора инжинеринг за енергетски ефикасните објекти што ги гради нивната компанија.

Целта на форумот беше да се анализира општествената одговорност на претпријатијата во Република Македонија во однос на вложување во заедницата, оценувајќи ги постоечката законска рамка, домашните и европските практики. Беше промовирана и брошурата за вложување во заедницата.