Денес, 6 септември 2011 година, во ЕУ Инфо центарот се одржа информативен настан за Националната награда за општествено одговорни практики на претпријатијата за 2010.

Целта на настанот беше да се презентира Наградата и начинот на аплицирање. На настанот присуствуваа повеќе од 40 претставници на компании заинтересирани за Наградата.

На присутните им се обрати Александар Николов, претседател на Националното координативно тело за ООП. Тој направи краток осврт на улогата на Координативното тело и даде вовед за Наградата.

Никица Кусиникова, извршен директор на Конект, го презентираше начинот на аплицирање и предупреди на најчестите грешки при аплицирањето на компаниите. „Станува збор за награди за практики кои се надвор од законските обврски за претпријатијата", рече таа напомнувајќи дека во претходните години се случувало претпријатијата да конкурираат со активности кои се дел од нивните редовни законски обврски. Таа ги поттикна претпријатијата да аплицираат со иновативни проекти кои ќе покажат дека е направен исчекор и дека тоа не е еднократна активност, туку, дел од нивниот стратешкиот приод. Кусиникова зборуваше за секоја од димензиите на општествена одговорност одделно и акцентира дека бројот на апликации за димензијата етичко управување е најмал, а најголем е оној во димензијата вложување во заедницата.

Потоа Кусиникова се осврна на критериумите. Таа ги поттикна претпријатијата во делот на општите критериуми да нагласат како предложениот проект се вклопува во нивната бизнис стратегија и да се осврнат на долгорочната посветеност на ООП. Во посебните критериуми потребно е да се стават повеќе информации на основа кои ќе може да се оцени проектот.

На крај, таа помина низ формуларот со кој претпријатијата аплицираат. „Од искуство", рече Кусиникова, „често фалат квантитативни податоци, а резултатите од проектите не се добро формулирани, тие се општи и паушални". Таа исто така ги замоли идните конкуренти за Наградата да обрнат внимание на објаснувањето на мотивацијата – зошто е спроведен таков проект во претпријатието.

Присутните се интересираа за можноста да аплицираат со повеќе проекти во една димензија и начинот на кои би можеле да ги презентираат; за периодот на спроведување на проектот и дали тој има елиминациски карактер; за тоа дали финансиската конструкција на проектот има влијание во одлучувањето на жири комисијата итн.

Информативниот настан е дел од проектот: Општествената одговорност на претпријатијата во РМ, кофинансиран од Европската Унија во рамките на Рамковната програма за конкурентност и иновации (CIP) 2007-2013, спроведуван од Министерството за економија, Македонската развојна фондација за претпријатија, Сојузот на стопански комори на Македонија и здружението Конект.